ivan
Иван Шопов (1987)

Роден во Скопје. Објавувал раскази и песни во списанија на македонски, српски, словенечки, хрватски, германски и чешки јазик. Во 2010 година за книгата „Азбука и залутани записи“ издавачката куќа Темплум му ја доделува наградата „Новите!“ за најдобра дебитантска прозна книга. Во 2012 ја објавува „Меше на годината – поема со масни наслаги“, книга со песни во проза и хибридни записи.

Ѓорѓи Крстевски (1981)

Роден во Скопје. Завршил на Катедрата за руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со преведување од руски, англиски, српски и хрватски јазик. Заедно со уште двајца автори во 2005 година ја објавил книгата со кратки прози „Не сакам да ви кажам ништо“. Живее и работи во Скопје.

gjorgi
gjoko
Ѓоко Здравески (1985)

Роден во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи како лектор за македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и како еден од уредниците на електронскиот месечник за култура и уметност Репер (reper.net.mk). Дел е од Буден Театар.
Пишува поезија, кратка проза и есеи. Има објавено две книги поезија: Палиндром со две н (2010) и куќичка за птици-преселници (2013). Заедно со уште неколку поети од Србија и од Македонија ја има објавено книгата Торту кроз прозор (поезија, 2010). Неговите стихови се објавени во неколку антологии на младата поезија: Ван кутије, антологија нове поезије ЈУ-простора, (2009), Нов македонски хаику-бран (2011), Ветерот носи убаво време, антологија на најмладата македонска поезија и проза (2012), Лирски додекамерон, антологија на младата македонска поезија (2012). Преведуван е на српски, хрватски, словенечки, бугарски, чешки, шпански и англиски јазик.

Сефер Селими (1987)

Роден во Гостивар. Зачетоците на неговото книжевно творештво се во раните денови кога на 12 годишна возраст ја објавува првата збирка поезија за деца со наслов „Два детски стиха“ и една година подоцна втората збирка „Детски сништа“. Пишува поезија, проза и есеи кои што повремено ги објавува на различни портали online и актуелно работи на привршувањето на неговиот прв роман.
Сефер Селими дипломираше на Факултетот за бизнис и економија во Универзитетот на Југоисточна Европа и од 2014 година носи звање магистер на политички науки од Меѓународниот Универзитет во Струга. Моментално работи во општина Гостивар.

sefer
Vladimir Martinovski
Владимир Мартиновски (1974)

Поет, раскажувач, есеист, книжевен теоретичар, преведувач. Работи како вонреден професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“. Автор е на книгите поезија Морска месечина (2003), Скриени песни (2005), И вода и земја и оган и воздух (2006), Квартети за читање, гледање, пеење и слушање (2010), Побрзај и почекај (2011), Пред и по танцот (2012) и Вистинска вода (2014); книжевно-теориските студии Од слика до песна (2003), Споредбени триптиси (2007), Les Musées imaginaires (2009), Слики за читање – аспекти на екфразиската поезија (студија, 2009), Споредбени диптиси (2011) и Зоон поетикон (2013) и книгите проза Ехо од бранови (хаибуни, 2009) и Околу Европа (раскази, заедно со Петра Хулова, Зудабе Мохавез и Кристин Димитрова, 2012). Приредил пет антологии и неколку зборници научни трудови од областа на компаративната книжевност. Добитник е на неколку книжевни награди: прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ (2009), „Браќа Миладиновци“ на СВП (2010) и „Димитар Митрев“ на ДПМ (2013).

Лира Бојку (1990)

Лира Бојку е родена во Скопје. Дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот на Југоисточна Европа (ЈИЕУ), каде што била прогласена за студент на генерацијата. Во моментов е при крај на магистерските студии на ТЕМПУС програмата (меѓународни односи – човекови права).
Лира Бојку е член на Иванов школа за лидери, АЛУМНИ асоцијација – ISLA. Обожавателка на уметноста и поддржувач на правата на жените.
Работи во Секретаријатот за Европски Прашања (СЕП) во Владата на Република Македонија.
Пишува поезија и проза. Ова е прва нејзина објава на раскази во книга.

Наскоро треба да излезе од печат нејзината прва збирка раскази „Црвени чевли“.

Награди: Второ место за проза на литературниот конкурс организиран од општина Тетово по повод „Денот на азбуката“ (2013); трето место за поезија на литературниот конкурс „Денот на албанската поезија“ организиран од општина Гостивар.

Lira Bojku
Verce Karafiloska
ВЕРЧЕ КАРАФИЛОСКА (1994)

Родена во Гостивар. Непосредно по раѓањето се сели во Скопје каде живее и денес. Во моментот е студент на Економскиот факултет во Скопје, при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и, почнувајќи од септември, 2014 година, е дел од уредничкиот тим на „Ш“ – книжевниот додаток на независното студентско списание „Излез“.

Нејзиното позначајно книжевно достигнување се случува во 2013 година, кога со расказот „Мукавени ѕвезди“ освојува I (прво) место на конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“. Вториот позначаен успех го бележи веќе следната 2014 година, кога со расказот „Коси од розова волница“ ја освојува единствената награда на традиционалниот конкурс за краток расказ „Живко Чинго“.

Ова е нејзина прва објава на раскази во книга.

Ермис Лафазановски

Раскажувач, романсиер, историчар и теоретичар на литературата. Автор е на следниве книгите раскази: Половина божилак (1992), Кога во Скопје ги без измислиле чадорите (1999), Егзотична кантата (2008) и на романите: Благородник (1997), Опишувач (2001), Роман за оружјето (2003), Храпешко (2007), Недела (2010) и Историја на луѓето кои умреа од страв (2012). Добитник е на неколку книжевни признанија меѓу кои и наградите: „Стале Попов“ и „Прозни мајстори“. Расказите му се преведени во голем број домашни и странски антологии, а романот Храпешко до сега е преведен на словенечки, хрватски, српски, руски и полски јазик. Претседател е на Македонскиот ПЕН центар и член на Друштвото на писателите на Македонија.

Ermis Lafazanovski
Simona Jovanoska
Симона Јованоска (1985)

Симона Јованоска е родена во Гостивар. Дипломирала на Економскиот факултет во Скопје, отсек Маркетинг. Работи во банка.

Неколку години има свој блог каде објавува раскази. Пишува колумни за бизнис ту бизнис списанието ИнБар.

Ова е нејзина прва објава на раскази во книга.

Михаил Ренџoв (1936)

Поет, прозаист и преведувач. Завршил Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство. Член е на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија.
Добитник е на наградите: Награда на СВП за необјавена песна (1964), „Ноемвриска награда на градот Штип“ за книгата „Иселеник на огнот“ (1965), „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата „Нерези“ (1982), „Григор Прличев“ за препевот на книгата „Тиранија на сонот“ од Каролина Илика, „Прличев ловоров венец“ за поемата „Тој“ (1993), “Grand prix international” за севкупно творештво, Романија (1997), „Златно перо“ за препевот на книгата „Мудрости и горчини“ од Дритеро Аголи (1998). „Ацо Шопов“ за книгата „Јас Оксиморон“ (1999), Македонска номинација за наградата „Балканика“ (2000), „Рациново признание“ за „Раскази за Захариј“ (2004).

Mihail-rengov copy
Ana
Д-р Ана Стојаноска (1977)

Tеатролог, доцент по предметите македонска драма и театар, историја на светска драма и театар и компаративна книжевност на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Дипломирала на Филолошки факултет во Скопје, на отсекот за општа и компаративна книжевност (2001). Постдипломските студии по театрологија, ги завршила на ФДУ, каде што магистрирала (2003) и докторирала (2007).

Работела како истражувач – координатор во Институтот за театрологија при Факултетот за драмски уметности – Скопје од 2002 г. Учествува на многу симпозиуми и работилници од областа на театрологијата, компаративната книжевност и културологијата.
Автор на книгите Македонски постмодерен театар (ФДУ, 2006) и Димитар Ќостаров – Реалистичката поетика и естетика на еден режисер (ФДУ, 2014). Приредувач на книгите Драми од Дејан Дуковски (Проартс, 2002) и Современа македонска драма (Микена, 2008). Автор на повеќе студии и есеи објавувани во македонската и странска периодика, како и коавтор на неколку театарски монографии. Исто така, еден е од авторите/составувачи на Поимникот на книжевната теорија (МАНУ, 2007).
Пишува поезија и проза. Автор е на монодрамата Стаклен лампион, праизведена како радио драма, во продукција на Театра – Скопје, 2013.

ПЕТАР АНДОНОВСКИ (1987)

Роден во Куманово. Студирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Автор е на книгите “Ментален простор” (поезија, 2008), “Очи со боја на чевли” (роман, 2013). Неговиот роман “Очи со боја на чевли” беше во најтесен избор за Роман на годината на Утрински весник.

petar copy
Olivera copy
ОЛИВЕРА ЌОРВЕЗИРОСКА (1965)

Родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи. Автор е на следниве книги: „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница заедно со Глигор Костовски-Гишо), „Отвораат ли сништата работа“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“ (роман за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „Сплетени раскази“ и „Две перници“ (раскази за возрасни).
Застапена е во дваесетина антологии на современиот македонски расказ, објавени дома и во странство. Нејзините раскази се преведувани на англиски, француски, унгарски,
албански, турски, чешки, српски, словенечки, бугарски, полски и руски јазик.
Добитник е на сите значајни награди за расказ во Македонија, а за „Сплетени раскази“ ја има добиено наградата за најдобра проза на Друштвото на македонските писатели за 2003 година.

ДАРЈАН РАДЕНКОВИЌ (1982)

Роден во Скопје. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на катедрата за Општа и компаративна книжевност. Магистрирал на катедрата за Комуникации на Институтот за социолошки и политичко-правни науки во Скопје. Професионално се занимава со комуникации и односи со јавност. Ова е прво објавување на негови дела.

Darjan copy